СЕ ИЛИ НИШТО ЗА МАКЕДОНИЈА – Започна битката за Светското првенство 2027
Целта е позитивен резултат пред реваншот во Скопје.

Македонската ракометна репрезентација вечерва од 19:00 часот го игра клучниот предизвик во квалификациите за Светското првенство 2027, кога во Прешов ќе ѝ гостува на Словачка во првиот натпревар од баражот.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров влегуваат во дуелот со јасна цел да остварат позитивен резултат пред реваншот во Скопје, кој најверојатно ќе го одлучи патникот на Мундијалот.
Лазаров предупредува дека, иако Словачка не важи за најатрактивна ракометна селекција, станува збор за противник кој е исклучително дисциплиниран, физички цврст и тактички добро поставен, што може да создаде сериозни проблеми на теренот.
„Влогот е огромен. Свесни сме за притисокот и традицијата што ја имаме со редовни настапи на големи натпреварувања. Секој противник мора да се почитува“, истакна селекторот.
Македонските ракометари се максимално фокусирани и подготвени да дадат сè од себе за да извлечат резултат кој ќе им донесе предност пред решавачкиот реванш во Скопје.
Се очекува тврд, интензивен и физички исцрпувачки натпревар, во кој секоја грешка може да биде пресудна во борбата за пласман на Светското првенство.
