ПРАВДА НА КЛИК – Судските расправи наскоро ќе се одржуваат онлајн
Предлог-законот помина на прво читање во надлежните комисии.

Предлог-законот за парнична постапка доби поддршка во прво читање на седниците на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија. Со новото законско решение се предвидуваат значајни реформи насочени кон побрзи, поефикасни и подигитализирани судски постапки.
Заменик-министерот за правда, Ален Деребан, образложувајќи го законот пред пратениците, истакна дека станува збор за еден од најважните реформски закони во правосудството, чија цел е подобрување на ефикасноста на судските процеси, зајакнување на правната сигурност и враќање на довербата на граѓаните во судството.
Од Министерство за правда посочуваат дека усвојувањето на законот е дел од обврските предвидени во Развојната стратегија за правосудството 2024-2028 и Програмата за работа на Владата за 2025 година.
Новините во законот предвидуваат поквалитетна правна заштита и поефикасно водење на постапките, како и унапредување на системот за вештачење. Судот ќе може и по службена должност да наложува вештачење и увид на лице место, со што дополнително се зајакнува неговата улога во утврдување на фактичката состојба.
Законот воведува и електронска достава меѓу странките, како чекор кон целосна дигитализација на судските предмети. Дополнително, јавните расправи ќе можат да се одржуваат и по електронски пат, преку аудио-визуелна комуникација во реално време, што треба да придонесе за помалку одлагања, намалени трошоци и поефикасна работа на судовите.
Со предложените измени се проширува и забрзува постапката за спорови од мала вредност, а се намалуваат и глобите за учесниците во постапките, со цел поголема правичност и пропорционалност.
За првпат во домашното законодавство се воведуваат и претставнички тужби за заштита на колективни интереси и права, со што се олеснува пристапот до правда за поголеми групи граѓани и се избегнува непотребно трошење на ресурси.
