ПАРИ ЛЕГНУВААТ НА СМЕТКИТЕ – Почна исплатата на МојДДВ за 2026 година
Исплатата се врши етапно, а над 528.000 корисници ќе добијат поврат од скенираните фискални сметки.

Управата за јавни приходи (УЈП) ја започна исплатата на средствата од програмата „МојДДВ“ за скенираните фискални сметки во првото тримесечје од 2026 година. Исплатата се врши етапно, согласно обработката на налозите, информираат од институцијата.
Според официјалните податоци на УЈП, средства ќе добијат 528.447 корисници, а вкупниот износ што ќе биде исплатен изнесува близу 836 милиони денари.
Од УЈП посочуваат дека кај 4.968 корисници е утврден неточен податок за трансакциска сметка, поради што исплатата привремено не може да се реализира сè додека не се направи корекција на податоците.
Воедно, кај 7.560 корисници повратот на средства е помал од 50 денари, па тие средства ќе бидат префрлени и исплатени во следниот квартал, согласно правилата на програмата „МојДДВ“.
Граѓаните можат да ги проверат своите податоци и статусот на исплатата преку апликацијата „МојДДВ“ и електронските сервиси на УЈП.
