И ПАК ТЕ НЕМА – Луциден сон со својата најемотивна песна досега

Песна за отсуството што вечно останува присутно – видеоспот кој ја следи темата на загубата, сеќавањето и тишината што останува по оние што физички исчезнуваат, но продолжуваат да живеат во нас.

И ПАК ТЕ НЕМА – Луциден сон со својата најемотивна песна досега
Фото: Луциден сон

Македонскиот алтернативен музички проект Луциден сон го објави видеоспотот за „И пак те нема“ – своето најемотивно и најинтимно музичко поглавје досега, песна што ја претвора загубата во звук и слика.

„И пак те нема“ е петти сингл на Луциден сон, по претходно објавените „Немирно време“, „Тајната“, „Строј“ и „Дожд“, со што проектот продолжува да го гради својот препознатлив авторски израз на домашната алтернативна сцена.

Музички, песната се движи низ темна и меланхолична атмосфера, со внимателно изградена динамика, емотивен вокален израз, пијано, гитарски текстури и суптилна драматичност.

„И пак те нема“ е темна и емотивна приказна за луѓето што продолжуваат да живеат во нас – песна за отсуството што не поминува, за сеќавањата што остануваат и за тивката болка што не секогаш може да се каже со зборови.

Автор на музиката и текстот е Костадин Стојаноски, кој ги отсвири гитарите, а стои и зад визуелниот концепт и монтажата на видеоспотот. Вокалот е на Гоце Кантар, додека пијано-делниците, како важен дел од меланхоличната атмосфера на песната, ги носат Гоце Кантар и Иле Алавантиоски.

Со ова издание, Луциден сон го продолжува својот авторски пат како проект што ја истражува границата меѓу сонот и јавето, личната болка и колективното чувство на немир, создавајќи музика со мрачен, поетски и искрен карактер.

Видеоспотот за „И пак те нема“ е достапен на овој линк:

https://youtu.be/ngtscBW6tQM 

CATEGORIES
Share This