СВЕТОТ ЌЕ СЕ ПРОМЕНИ – Трамп и Си открија што се договориле зад затворени врати
Партнери, а не ривали, открија нов тон во односите меѓу Кина и САД.

Претседателите на Соединетите Американски Држави и Народна Република Кина, Доналд Трамп и Си Џинпинг, денес за време на државниот банкет во Пекинг оценија дека односите меѓу двете земји се меѓу најважните во светот. Тие порачаа дека Вашингтон и Пекинг мора да соработуваат и да избегнуваат конфронтација, бидејќи нивните односи имаат глобално влијание.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги пофали „блиските и историски врски“ меѓу САД и Кина, истакнувајќи дека разговорите со Си Џинпинг биле „исклучително позитивни и продуктивни“. Тој му се заблагодари на кинескиот лидер за „големата чест“ и „величественото добредојде“ во Пекинг.
Трамп нагласи дека САД и Кина низ историјата биле поврзани на повеќе начини, оценувајќи дека станува збор за „едни од најважните односи во светската историја“.
Тој се осврна и на историски примери на соработка, споменувајќи трговски врски од пред 250 години, како и културни и образовни влијанија меѓу двете земји. Во својот говор истакна дека денес постојат повеќе кинески ресторани во САД отколку некои од најголемите синџири за брза храна.
„Светот е подобро место кога сме обединети и соработуваме“, порача Трамп.
Тој додаде дека двете земји делат вредности како напорна работа, храброст и стремеж кон успех.
Кинескиот претседател Си Џинпинг во своето обраќање истакна дека односите меѓу Кина и САД се „најважните билатерални односи во светот“ и дека тие не смеат да бидат уништени.
Тој нагласи дека двете земји имаат корист од соработка, а губат од конфронтација, додавајќи дека „Кина и САД треба да бидат партнери, а не ривали“.
Си информираше дека разговорите опфатиле билатерални, меѓународни и регионални прашања, при што е постигната согласност за градење „конструктивен однос на стратешка стабилност“, со цел долгорочен и стабилен развој на односите.
Тој исто така посочи дека меѓусебното почитување е клучно за стабилни односи, предупредувајќи дека светот се соочува со брзи промени и нестабилност.
„Односите меѓу Кина и САД влијаат не само на 1,7 милијарди луѓе во двете земји, туку и на повеќе од осум милијарди луѓе ширум светот“, порача Си Џинпинг.
