СДСМ СЕ ПОВЛЕКОА, ВЛАДАТА ПРИТИСКА – Изборниот законик во ќорсокак
Работните групи за Изборниот законик продолжуваат со работа без учество на СДСМ, додека власта апелира за враќање на консензусот.

Прашањето дали измените во Изборниот законик можат да бидат клучни и за евентуални предвремени парламентарни избори, доколку бидат усвоени до јуни, повторно се актуелизира. Тоа доаѓа по изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој повторно истакна дека ќе се обиде да постигне консензус со СДСМ и тие повторно да се вклучат во работната група, со цел законикот да биде донесен навреме. Во спротивно, како што посочи, опозициската партија има можност да користи филибастеринг.
Од Владата порачуваат дека крајната одлука, каква и да биде, претставува демократско право на секоја политичка партија.
„Работните групи за Изборниот законик, составени од претставници на политичките партии, функционираат, со исклучок на една партија – СДСМ. Изборниот законик е еден од актите каде може да се примени филибастеринг, па доколку текстот стигне во Собранието, а СДСМ одлучи да не го поддржи, на тој начин може да го блокира неговото донесување. Владата е подготвена повторно да се обиде да постигне консензус и, доколку постои волја, постои и начин процедурата да се заврши пред крајот на јуни“, велат од Владата.
Од СДСМ, кои по укинувањето на законот за техничка влада ја напуштија работната група за Изборниот законик, во повеќе наврати тврдат дека Мицкоски, кога нема конкретна понуда за граѓаните или се соочува со празнење на државната каса, ја актуелизира темата за избори. Истакнуваат дека се подготвени и за предвремени парламентарни избори.
Во меѓувреме, темата за евентуални предвремени избори сè повеќе се отвора во јавноста, додека работните групи за Изборниот законик продолжуваат со работа без учество на СДСМ. Премиерот и претходно, а и денеска, порача дека предвремени избори би можеле да се случат „набргу“, но дека во текот на оваа година тие не се приоритет, додека 2027 година ја спомена како можна опција, со цел редовниот изборен термин во 2028 година да остане крајна цел.
