(ВИДЕО) ГЕТА ДОАЃА ВО СКОПЈЕ – Бесплатен спектакл за 35 години независност

Светкси диџеј во Македонија за најголемата прослава на независноста досега.

(ВИДЕО) ГЕТА ДОАЃА ВО СКОПЈЕ – Бесплатен спектакл за 35 години независност
Фото: Принтскрин

Владата денеска ја претстави програмата за одбележување на 35-годишнината од независноста на Македонија, а како централен настан е најавен спектакуларен концерт на светски познатиот диџеј Дејвид Гета, кој ќе се одржи на 8 септември во Арената Тодор Проевски во Скопје.

На заедничка прес-конференција со Авалон Продукција, владината портпаролка Марија Митева истакна дека јубилејот нема да се сведе само на еден настан, туку ќе прерасне во национална културна манифестација што ќе се реализира од јули до септември во повеќе градови низ државата.

„Целта е одбележувањето да добие државнички карактер, современ културен израз и меѓународна видливост. Сакаме Македонија да се претстави како држава што знае достоинствено да го слави сопствениот пат и културен идентитет пред домашната и светската јавност“, изјави Митева.

Според најавите, програмата ќе биде децентрализирана и ќе опфати различни форми на уметнички и културни настани, со цел што повеќе граѓани да бидат дел од прославата.

Од Авалон Продукција информираа дека влезот за концертот на Дејивд Гета ќе биде бесплатен, но посетителите ќе треба претходно да се регистрираат со симболична уплата од 35 денари,  бројка што ја симболизира 35-годишнината од независноста.

Секој заинтересиран ќе може да резервира најмногу две влезници, а регистрацијата ќе биде достапна и за посетители од странство.

Организаторите очекуваат концертот да привлече публика од целиот регион и значително да придонесе за туризмот, угостителството и меѓународната промоција на Македонија како дестинација за големи музички и културни настани.

Дополнителни детали за регистрацијата и начинот на преземање на билетите ќе бидат објавени во текот на утрешниот ден.

CATEGORIES
Share This