МАГИЈА НА СЦЕНА – 54. издание на „Мајски оперски вечери“ стартува спектакуларно
Двојна премиера го отвори најголемиот оперски фестивал.

Со изведба на две опери од Џакомо Пучини „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“, вечерва во 20 часот во Националната опера и балет во Скопје свечено се отвора 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“.
Фестивалскиот оган годинава го запали сопранистката со меѓународна кариера Ана Дурловски, со што официјално започна оваа значајна културна манифестација.
Отворањето е обележано со двојна премиера, што е првпат на почетокот на фестивалот да се изведат две претстави во иста вечер. На програмата до 31 мај се вкупно седум оперски наслови од Пучини и Верди, како и балетската изведба „Лебедово езеро“ од Чајковски.
Во програмата се вклучени „Риголето“ (13 мај), „Тоска“ (16 мај), „Мадам Батерфлај“ (20 мај), „Лебедово езеро“ (22 мај), „Травијата“ (27 мај) и „Набуко“, со која на 31 мај ќе биде затворен фестивалот.
На свеченото отворање учествуваа и гости од Италија, режисерот Пјер Франческо Маестрини и диригентот Џанлука Мартиненги. Во „Сестра Анџелика“ насловната улога ја толкуваше Валентина Бои, додека во „Џани Скики“ настапи Роберто Де Кандија, заедно со солисти, хор и оркестарот на НОБ.
Од Националната опера и балет истакнуваат дека годинашната програма е внимателно избрана и претставува спој на традицијата и современата сценска енергија, со цел да понуди целосно уметничко доживување за публиката и да ги задржи високите европски стандарди на фестивалот.
