МУРИЊО НА ЧЕКОР ДО РЕАЛ – Ова се условите за негово враќање во Кралскиот клуб

Шпанските медиуми најавуваат сензационално враќање на Муриња во Реал Мадрид по 13 години.

МУРИЊО НА ЧЕКОР ДО РЕАЛ – Ова се условите за негово враќање во Кралскиот клуб
Фото: Принтскрин

Најавите за враќање на Жозе Мурињо на клупата на Реал Мадрид стануваат сè поинтензивни, додека шпанските медиуми и фудбалски инсајдери сè почесто го поврзуваат португалскиот стратег со „Сантијаго Бернабеу“.

Мурињо претходно го водеше Реал Мадрид од 2010 до 2013 година, период во кој клубот освои титула во Ла Лига со рекордни 100 бодови и 121 постигнат гол, како и Куп на кралот и Суперкуп на Шпанија, покрај три полуфиналиња во Лигата на шампионите.

Во моментов, Реал се наоѓа во фаза на неизвесност околу тренерската позиција, откако сезоната најверојатно ќе заврши без освоен трофеј. Првично, на клупата беше Чаби Алонсо, кој наводно беше сменет по проблеми во соблекувалната, а потоа кратко како привремено решение тимот го водеше Арбелоа.

Сега, како главен кандидат повторно се споменува Мурињо, но според информациите, тој поставил сериозни услови за евентуално враќање. Условите на Мурињо се целосна контрола над првиот тим и контрола над играчите во соблекувалната, без интервенции од кој било во клубот, без разлика каде се наоѓа на скалата на хиерархија, двегодишен договор, сам да го одбере стручниот штаб со него, одредени промени во играчкиот кадар, седуммина играчи мора да си заминат, целосна контрола над тимот задолжен за кондиционата подготовка на играчите, комуникација само со Флорентино Перес, а не со неговите соработници и целосна контрола за плановите за летни подготовки.

Флорентино Перес, според извештаите, веќе воспоставил контакти со Мурињо и активно учествува во процесот на избор на нов тренер. Конечната одлука се очекува по завршувањето на сезоните во Шпанија и Португалија.

Иако дел од јавноста е скептична поради неговите понови ангажмани во клубови како Рома, Тотенхем и Фенербахче, други сметаат дека неговото искуство и авторитет би можеле да донесат стабилност во тимот.

Паралелно со тренерската неизвесност, во клубот имаше и внатрешни тензии, вклучително и инцидентот меѓу Федерико Валверде и Орелиен Чуамени, за кој двајцата фудбалери беа казнети.

Како можни наследници на тренерската позиција покрај Мурињо се споменуваат и Маурисио Покетино, Јирген Клоп, Масимилијано Алегри и Дидие Дешан, но фокусот на јавноста останува насочен кон „Специјалниот“ и негов можен кам-бек во Мадрид.

CATEGORIES
Share This