ГО СМЕНИЈА СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛЕГЕНЦИЈА – Но, се вратил на работа со победа на судот
Судот утврди дека замената со вештачка интелигенција не е „значајна промена на околностите“.

Кинески суд донесе пресуда во корист на вработен во работен спор поврзан со замена на работно место со вештачка интелигенција, што според експертите испраќа важна порака за заштита на работничките права во ерата на автоматизацијата.
Случајот го разгледал Средниот народен суд во Хангжу, центар за развој на вештачка интелигенција во источната покраина Жеџијанг, кој заедно со други примери беше објавен пред Меѓународниот ден на трудот (1 мај). Во него, технолошка компанија поврзана со вештачка интелигенција отпуштила висококвалификуван вработен, но одбила да исплати повисока компензација што тој ја побарал.
Вработениот, со презиме Жоу, бил ангажиран во 2022 година како супервизор за контрола на квалитет со плата од околу 25.000 јуани месечно. Неговата работа вклучувала поврзување на кориснички барања со јазични модели и проверка на содржини. Подоцна, дел од неговите задачи биле преземени од системи за вештачка интелигенција, по што компанијата му понудила преместување на пониска позиција со значително намалена плата. Тој ја одбил понудата, по што бил отпуштен со компензација, но ја оспорил сумата.
Арбитражата првично пресудила дека отказот е незаконски, а подоцна истото го потврдил и судот во Хангжу. Судот утврдил дека замената на работно место поради вештачка интелигенција не претставува „значајна промена на околностите“ која би го оправдала раскинувањето на договорот, ниту дека работниот договор станал неизводлив. Исто така, понудата за нова позиција со пониска плата не била оценета како разумна.
Според адвокати и експерти, одлуката појаснува дека зголемената ефикасност преку вештачка интелигенција не може сама по себе да биде основа за отпуштања, ниту за префрлање на деловниот ризик врз работниците. Компаниите, велат тие, имаат обврска да обезбедат правичен третман, соодветни прераспределби или фер компензација.
Слични случаи веќе се појавуваат и во други делови на Кина, каде арбитражни тела нагласуваат дека воведувањето на вештачка интелигенција е дел од деловната стратегија на компаниите и не може да се користи како оправдување за незаконски откази.
Истовремено, експертите предупредуваат дека брзиот развој на вештачката интелигенција носи значајни промени на пазарот на труд, при што ќе биде неопходно усогласување на технолошкиот напредок со заштитата на правата и достоинството на работниците.
