ДРЖАВАТА МУ СЕ ПОКЛОНУВА – Свечености, цвеќе и пораки по повод 123 години од загинувањето на Делчев

123 години од смртта, идеалите на Делчев повторно во фокусот.

ДРЖАВАТА МУ СЕ ПОКЛОНУВА – Свечености, цвеќе и пораки по повод 123 години од загинувањето на Делчев
Фото: Принтскрин

Во Македонија денеска се одбележуваат 123 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, една од најзначајните личности во националната историја.

По тој повод, бројни делегации и граѓани ќе положат цвеќе и ќе се поклонат пред неговиот гроб во црквата Свети Спас, каде што ќе се одржи и панихида во организација на Македонска православна црква – Охридска архиепископија. На одбележувањето е најавено присуство и на премиерот Христијан Мицкоски.

Во Владата ќе се одржи трибина со наслов „Темел на државноста – визија за иднината“, на која ќе учествуваат министри и претставници од академската заедница, а во Собрание на Република Македонија ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за особени достигнувања во областа на науката.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш. Се школувал во Солун и Софија, бил учител во Штип. Активно се вклучил во револуционерното движење. Како еден од водечките членови на Внатрешна македонска револуционерна организација, работел на создавање широка мрежа на комитети и чети. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

Загинал на 4 мај 1903 година во селото Баница, во судир со османлиската војска. По убиството, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчегот со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

CATEGORIES
TAGS
Share This