ТРАМП ПРЕСЕЧЕ, НЕМА ДА ЛЕТАТЕ 18 ЧАСА – Откажано клучното патување во Исламабад
Техеран доставил список со барања за прекин на конфликтот со САД и Израел.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го откажа планираното патување на своите претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер во Исламабад, каде што требаше да се одржат разговори со ирански претставници.
Во изјава за Фокс њуз, Трамп нагласи дека одлуката ја донел поради, како што рече, „непотребно губење време на долги патувања“.
„Реков: ‘Не, нема да летате 18 часа за да одите таму. Ги имаме сите карти во наши раце. Нема повеќе да летате 18 часа за да седите и да зборувате за ништо’“, изјави Трамп.
На својата платформа Truth Social, тој дополнително порача дека САД имаат предност во потенцијалните преговори и дека, доколку Иран сака разговори, треба сам да иницира контакт.
„Имаме премногу работа, а во нивното раководство владее конфузија. Никој не знае кој е надлежен, вклучително и тие самите. Ако сакаат да разговараат, нека се јават“ напиша Трамп.
Претходно беше најавено дека американска делегација ќе отпатува во Пакистан на разговори поврзани со Иран, но посетата е откажана во последен момент.
Во меѓувреме, иранската делегација предводена од министерот за надворешни работи Абас Арагчи го напушти Исламабад по средбите со пакистанскиот државен врв, вклучително и со премиерот Шехбаз Шариф и командантот на армијата Асим Мунир.
Според медиумските извештаи, Техеран доставил официјална листа на барања до пакистанските власти, поврзани со можен прекин на конфликтот со САД и Израел.
Арагчи ги поздрави посредничките напори на Пакистан и најави дека по посетата ќе продолжи со дипломатски активности во Оман и Русија.
