ДЕВОЈКА ШТО СКЕЈТА ЈА МЕНУВА ИГРАТА – Македонски филм освојува светска сцена
Филмот на Дина Дума е селектиран во официјалната меѓународна конкуренција на фестивалот Трајбека во Њујорк.

Вториот долгометражен филм на македонската режисерка Дина Дума ќе биде дел од официјалната меѓународна конкуренција на филмскиот фестивал Трајбека во Њујорк, каде што ќе ја има својата светска премиера.
Филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ е селектиран за престижната програма на фестивалот, а неговото прво прикажување е закажано за 4 јуни, со вкупно четири проекции во рамки на настанот. Македонската премиера е планирана за септември.
Иако Трајбека не е дел од официјалната А-категорија на фестивали според ФИАПФ, тој се смета за еден од највлијателните филмски настани во САД. Основан е во 2002 година како дел од обидите за културна и урбана обнова на Долен Менхетн по настаните од 11 септември.
Филмот ја раскажува приказната за 13-годишната Адела, која преку скејтањето се обидува да се спротивстави на очекувањата на својата средина. Наративот опфаќа три генерации жени од ромската заедница и нивната борба меѓу традиционалните вредности и современиот начин на живот.
Во филмот учествуваат претежно натуршчици, а најголем дел од снимањето е реализиран во скопската населба Шуто Оризари. Проектот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска и е поддржан од повеќе европски фондови, меѓу кои и „Еуримаж“.
