СДСМ СЛАВИ 35 ГОДИНИ – Филипче најави тешка политичка битка

СДСМ ја потврдува европската ориентација како клучен приоритет за иднината на државата.

СДСМ СЛАВИ 35 ГОДИНИ – Филипче најави тешка политичка битка
Фото: СДСМ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на свечената седница на Централниот одбор по повод 35-годишнината од формирањето на партијата, порача дека застојот на европската интеграција претставува најсериозна закана за иднината на државата, оценувајќи дека таквите политики се спротивни на националните интереси.

Тој истакна дека Македонија се наоѓа пред сериозен предизвик, при што, како што рече, европскиот пат е блокиран. Според него, не се вистинити тврдењата дека оваа состојба е во функција на заштита на државните интереси, туку станува збор за, како што го нарече, погрешен пристап.

Филипче нагласи дека членството во Европската Унија останува врвен државен приоритет, потсетувајќи дека СДСМ низ годините носел клучни одлуки за евроатлантската интеграција, иако тие често биле тешки и непопуларни.

Тој упати и критики кон политичките противници, оценувајќи дека одредени политики се спротивни на европската ориентација на земјата. Во своето обраќање предупреди дека продолжениот застој на европскиот пат значи и економска и општествена стагнација, со директни последици врз младите и нивната иднина.

„Училиштето треба да биде место за градење иднина, а не чекална за иселување“, порача тој, додавајќи дека СДСМ ќе продолжи да се залага за враќање на европската перспектива и за, како што рече, нов општествен договор заснован на правда, солидарност и еднакви можности.

Филипче повика на политичка борба заснована на чесност и одговорност, ветувајќи политики што ќе обезбедат правичност, подобар даночен систем и поголема отчетност на институциите.

На крајот од говорот, тој испрати пораки и до власта и опозицијата, истакнувајќи дека граѓаните треба повторно да ја имаат клучната улога во одлучувањето за иднината на државата.

На свечената седница присуствуваше и поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев, кој пристигна подоцна, објаснувајќи дека претходно бил на премиера на документарен филм посветен на Преспанскиот договор.

CATEGORIES
Share This