ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА – Радев како премиер ќе биде сосема поинаков политичар
Смета дека новата позиција на Радев отвора простор за поинаков пристап кон билатералните прашања.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека изборните резултати во Бугарија се очекувани и изрази надеж дека со идното политичко раководство во Софија ќе се отвори простор за нов пристап во решавањето на билатералните прашања, со цел откочување на македонските евроинтеграции.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа денеска изјави дека со Румен Радев, кого го познава од претходно, не се согласуваат за многу теми, но дека постои взаемна почит и можност за дијалог и слушање со цел изнаоѓање решенија. Според неа, кога политичарите ќе дојдат на власт, понекогаш се отвора простор за пофлексибилни и подобри решенија.
Таа додаде дека очекувала ваков изборен исход, посочувајќи дека Радев бил еден од постабилните политички фактори во период на чести промени на влади во Бугарија, додека останатиот политички спектар бил многу пофлуиден. Според неа, заморот кај бугарските граѓани од нестабилни влади придонел за поддршката на новата политичка опција околу Радев.
Сиљановска-Давкова оцени дека честите промени на бугарските влади претставувале отежнувачка околност за односите меѓу двете држави, иако, како што рече, сите влади се повикувале на парламентарни документи во нивната политика кон Северна Македонија.
Таа нагласи дека новата политичка ситуација отвора можност за дијалог, особено во услови на променет меѓународен контекст и зголемена важност на безбедносните прашања и проширувањето на Европската Унија. Македонија, како што истакна, има целосна усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
Претседателката заклучи дека новиот бугарски премиер, кој ужива голема поддршка и има значајно политичко искуство, може да придонесе за надминување на внатрешните предизвици во Бугарија, но и за отворање простор за подобри односи и решенија во билатералните прашања меѓу двете земји.
