ЕУ ТУРКА ЗЕЛЕНА РЕВОЛУЦИЈА – Брисел со нов план за спас од високите цени на енергијата

Иако мерките не се обврзувачки, ЕУ вели дека целта е брзо намалување на трошоците и поголема енергетска стабилност.

ЕУ ТУРКА ЗЕЛЕНА РЕВОЛУЦИЈА – Брисел со нов план за спас од високите цени на енергијата
Фото: Принтскрин

Европската комисија планира да ја охрабри работата од дома и субвенционирањето на јавниот превоз, како дел од мерките за намалување на потрошувачката на фосилни горива во услови на енергетски шок предизвикан од кризата на Блискиот Исток.

Според документ што го пренесува „Фајненшел тајмс“, следната недела Комисијата ќе предложи пакет мерки насочени кон намалување на побарувачката на енергија, зголемување на енергетската ефикасност и забрзување на транзицијата кон чисти извори на енергија. Целта е да се обезбеди итно олеснување од високите цени на енергијата.

Мерките се надоврзуваат на претходните политики од енергетската криза предизвикана од руската инвазија врз Украина и имаат за цел намалување на зависноста од фосилни горива.

Комисијата препорачува компаниите, каде што е можно, да воведат барем еден ден работа од дома неделно, како и поддршка за јавниот транспорт и намалување на ДДВ за топлински пумпи, соларни панели и други енергетски ефикасни технологии.

Исто така се разгледува воведување на шеми за „социјален лизинг“ за електрични автомобили, топлински пумпи и батерии, со цел олеснување на пристапот до зелени технологии.

Иако мерките се главно препораки, а не обврзувачки правила, ЕУ најавува и законски предлози за намалување на трошоците за електрична енергија, реформа на пазарот на струја и пониско оданочување на електричната енергија во однос на фосилните горива.

Дополнително, се разгледуваат и мерки за ограничување на цените, поддршка на приходите и проценка на даноците на вишок профит на ниво на земјите-членки.

CATEGORIES
Share This