КОНЕЧНИТЕ РЕЗУЛТАТИ ШОКИРАЧКИ – Тиса го урна Орбан со двотретинско мнозинство во парламентот
Нова влада најавува промени во однос на Украина и енергетската политика.

На парламентарните избори во Унгарија, опозициската партија Тиса освои 141 од вкупно 199 пратенички места, покажуваат конечните резултати објавени по пребројувањето на гласовите од дијаспората, поштенските гласови и оние дадени преку полномошно.
Од освоените мандати, Тиса доби 45 преку партиската листа, додека 96 пратеници влегоа во парламентот преку директни изборни единици.
Владејачката партија Фидес на премиерот во заминување Виктор Орбан освои 52 места – 42 од листите и 10 преку директни изборни единици.
Крајнодесничарската партија Ми Хазанк („Наша земја“) освои шест пратенички места преку листата, додека ниту една малцинска партија не успеа да влезе во парламентот.
Иако првичните резултати уште на изборната ноќ укажуваа на двотретинско мнозинство за Тиса, конечните бројки ја потврдија убедливата победа. Орбан истата вечер ѝ честиташе на опозицијата, а новото политичко раководство веќе најави првични насоки, меѓу кои продолжување на актуелната политика кон кредитот од ЕУ за Украина и стратегија за поширока енергетска диверзификација.
