АЛАРМ ВО БОЛНИЦИТЕ – Интензивна нега останува без медицински сестри

Ризик за квалитетот на грижата за пациентите во критична состојба.

АЛАРМ ВО БОЛНИЦИТЕ – Интензивна нега останува без медицински сестри
Фото: Социјални мрежи

Здружението на медицински сестри по анестезија, реанимација и интензивна нега алармира дека недостигот од кадар на одделенијата за интензивна нега станува сè поизразен и бара итна реакција од здравствените власти.

Претседателката Јулијана Казанџиска посочува дека состојбата е сериозна: наместо препорачаниот однос „еден пациент – една сестра“, во пракса една медицинска сестра се грижи за четири до пет пациенти. Ова, според неа, е особено ризично бидејќи станува збор за лица кои имаат потреба од постојан, 24-часовен мониторинг и интензивна грижа.

Како главни причини за ваквата состојба се наведуваат ниските плати, недоволното вреднување на трудот и зголемениот обем на работа. Поради тоа, сè повеќе медицински сестри ја напуштаат професијата или заминуваат во странство во потрага по подобри услови.

Од здружението апелираат дека ова прашање мора да стане приоритет, бидејќи се работи за одделенија каде се лекуваат најкритичните пациенти, а бројот на квалификуван кадар континуирано се намалува.

CATEGORIES
Share This