ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА ПРЕД ММФ – Големи планови за јавните финансии
Владата ја потврдува посветеноста на фискална стабилност и одржлив економски раст.

Владата останува фокусирана на одржување на макроекономската стабилност, стабилноста на јавните финансии, фискалната консолидација и обезбедување одржлив економски раст. Истовремено, внимателно се следат глобалните економски движења и неизвесности, при што се преземаат соодветни мерки за справување со можните предизвици.
Ова беше истакнато на средбите на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со високи претставници на ММФ во Вашингтон, меѓу кои извршниот директор Јерон Клик, заменик-извршниот директор Марникс ван Рај, директорот за Европскиот оддел Алфред Камер, шефот на Мисијата на ММФ Ник Гигинеишвили, како и претставници од Одделот за фискални прашања.
Министерката нагласи дека клучна цел на фискалната политика е унапредување на управувањето со јавните финансии и одржување високо ниво на капитални инвестиции кои го поддржуваат долгорочниот економски развој. Таа посочи дека политиките се насочени кон среднорочна одржливост, фискална дисциплина, транспарентност и отчетност, како и кон поддршка на економијата преку високо ниво на капитални расходи од околу 5% од БДП.
Дополнително, акцент е ставен на зголемување на ефикасноста на приходната страна преку борба против сивата економија и дигитализација на процесите, при истовремено задржување на релативно ниски даночни стапки.
Таа информираше дека Владата продолжува со фискалната консолидација и постепено намалување на буџетскиот дефицит од 4,4% во 2024 година, на 4% во 2025, и проектирано 3,5% во 2026 година.
Според министерката, се спроведуваат и мерки за поддршка на граѓаните и бизнис-секторот поради растот на цените на енергенсите, со цел зачувување на економската стабилност и одржување на растот, при што се нагласува дека мерките треба да бидат таргетирани.
На средбите беше истакната и поддршката од ММФ за реформите во управувањето со јавните финансии и зајакнувањето на административните капацитети. За време на престојот во Вашингтон, министерката има планирана средба и со заменик-генералниот директор на ММФ Бо Ли.
