ДАЛИ Е ОВА КРАЈ НА ВОЈНАТА – Трамп најави „речиси готов“ договор со Иран
Трамп вели дека договорот со Иран е „многу блиску“, тие го прифатија условот да нема нуклеарно оружје.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, синоќа изјави дека Иран прифатил дека нема да поседува нуклеарно оружје во период подолг од 20 години.
Трамп им рече на новинарите пред Белата куќа дека договорот со Иран е „многу блиску“ и дека треба да биде добар договор без нуклеарно оружје, објавува BBC.
Тој истакна дека постои „цврста позиција“ според која Иран нема да има нуклеарно оружје дури и по тој период, додавајќи дека всушност нема временско ограничување од 20 години.
„Да бидеме искрени, нема ограничување од 20 години“ – нагласи Трамп.
Тој, исто така, изјави дека би размислил да патува во Пакистан за да потпише мировен договор доколку САД и Иран постигнат договор за прекин на војната.
„Би отишол во Пакистан, да. Ако договорот биде потпишан во Исламабад, можеби ќе одам. „Тие сакаат да си одам“, рече Трамп.
Порано вчера, Трамп наговести дека нова рунда разговори со Иран би можела да се одржи во текот на викендот и рече дека не е сигурен дали е потребно да се продолжи примирјето со таа земја.
Тој изјави дека Иран е заинтересиран за постигнување договор и посочи дека е „подготвен да прави работи денес што не беше подготвен да ги направи пред два месеци“.
На прашањето што ќе се случи ако САД и Иран не постигнат траен договор, Трамп рече дека воените напади повторно ќе бидат засилени, пренесува CNN.
„Ако нема договор, конфликтите продолжуваат“ – заклучи тој.
