МЕЏИТИ ЈА ОТКРИ СТРАТЕГИЈАТА – ВЛЕН станува партија на 9 мај токму на денот на Европа

Десно-центристичка ориентација на новиот политички субјект и модел со двајца копретседатели - Касами и Меџити.

МЕЏИТИ ЈА ОТКРИ СТРАТЕГИЈАТА – ВЛЕН станува партија на 9 мај токму на денот на Европа
Фото: Принтскрин

ВЛЕН ќе го одржи својот прв конгрес на 9 мај, на Денот на Европа, кога и официјално ќе ја финализира трансформацијата во политичка партија. Информацијата ја соопшти градоначалникот на општина Чаир и лидер на Демократското движење, Изет Меџити, во гостување во емисијата „Само вистина“ на телевизија Канал 5.

Меџити истакна дека изборот на датумот има симболично значење и ја нагласува определбата на коалицијата за европските вредности и интегративните процеси.

Според најавите, новиот политички субјект ќе биде позициониран како десно-центристичка партија и ќе функционира по модел на заедничко раководење со двајца копретседатели – Билал Касами и Изет Меџити.

„Идеолошки ќе бидеме ориентирани центар-десно. Во тек е операционализација на новата платформа“, изјави тој.

Со одржувањето на конгресот, ВЛЕН треба да го заокружи процесот на политичко консолидирање и да го дефинира своето понатамошно делување на политичката сцена.

На новинарско прашање дека датумот на конгресот се совпаѓа со периодот кога премиерот Христијан Мицкоски најави реконструкција на Владата, Меџити оцени дека ВЛЕН ќе биде конституиран пред реконструкцијата, додавајќи дека тоа „е добра работа“.

Тој посочи дека засега нема информации кои министри би биле опфатени со најавената реконструкција на Владата.

CATEGORIES
Share This