ОРБАН ПАДНА – Тиса со двотретинско мнозинство ја презеде Унгарија
Европските лидери испратија честитки и пораки за соработка.

Во Унгарија се одржаа парламентарни избори со рекордна излезност од над 5,5 милиони гласачи, а броењето на гласовите е при самиот крај.
Според речиси целосно обработените резултати, опозициската партија Тиса оствари убедлива победа и освои двотретинско мнозинство во парламентот. Со околу 138 пратенички места, Тиса ќе има целосна контрола врз законодавната власт, додека владејачката Фидес на Виктор Орбан освои околу 55 мандати. Движењето „Наша татковина“ обезбеди неколку пратенички места.
Лидерот на Тиса, Петар Маѓар, прогласи историска победа, нагласувајќи дека граѓаните ја смениле власта и „ја вратиле татковината“. Тој им се заблагодари на милионите гласачи и оцени дека резултатот претставува пресвртница во демократската историја на земјата.
По изборите, честитки пристигнаа од повеќе европски лидери. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ја поздрави победата на Тиса, истакнувајќи дека Украина е подготвена за продлабочување на соработката со Унгарија. Поддршка и пораки за заедничка работа во насока на стабилна и обединета Европа испратија и други европски претставници.
Овие избори се оценуваат како историски, не само поради високата излезност, туку и поради убедливата победа на опозицијата, која означува крај на долгогодишното владеење на Орбан.
Лидерот на опозициската партија Тиса, Петер Маѓар, прогласи убедлива победа на парламентарните избори во Унгарија, нагласувајќи дека станува збор за историски пресврт.
„Драги сонародници, Унгарци! Успеавме! Тиса и Унгарија победија – и тоа убедливо. Заедно го заменивме режимот на Виктор Орбан и ја вративме татковината“, изјави Маѓар.
Тој симболично додаде дека победата „не се гледа од месечината, туку од секој унгарски прозорец“, алудирајќи на претходна изјава на Орбан.
Маѓар истакна дека изборите забележале рекордна излезност и дека Тиса најверојатно обезбедила двотретинско мнозинство во парламентот. Им се заблагодари на околу три милиони гласачи кои ја поддржале неговата партија.
„Направивте чудо, Унгарци! Напишавме историја!“, порача тој.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц испрати честитка до Маѓар, поздравувајќи го изборниот успех.
„Искрени честитки за вашиот успех. Се радувам на заедничката соработка. Да ги здружиме силите за силна, безбедна и обединета Европа“, се наведува во пораката.
Според податоците на Национална изборна комисија на Унгарија, врз основа на 87,82% од преброените гласови Тиса освои 138 мандати (44 од листа, 94 поединечно), Фидес освои 54 мандати (42 од листа, 12 поединечно) и Движењето „Наша домовина“ освои 7 мандати.
Лидерите на Европска Унија ги поздравија резултатите, оценувајќи ги како победа на демократијата.
Според нив, исходот од изборите испраќа јасна порака дека Унгарија се определила за европскиот пат.
Парламентарните избори, одржани денес, донесоа убедлива предност за опозициската Тиса во однос на владејачката Фидес, предводена од премиерот Виктор Орбан.
