ДРАМАТИЧНО ВО МАКЕДОНИЈА – Напад што ги вознемири граѓаните и институциите
Еврејската заедница алармира дека ова е напад врз соживотот и човечноста.

Еврејската заедница во Македонија вечерва соопшти дека денес бил направен обид за подметнување пожар на нејзиниот објект и синагогата, при што остро го осуди инцидентот и побара брза реакција од надлежните институции.
Во соопштението се наведува дека станува збор за сериозен и загрижувачки настан, кој претставува напад не само врз верски објект, туку и врз основните вредности на општеството – соживотот, почитта и достоинството. Од заедницата апелираат случајот целосно да се расчисти и законите доследно да се применат, како и да има јасна и заедничка осуда од верските лидери, институциите и граѓаните.
„На 12 април за првпат во поновата историја беше извршен обид за опожарување на објектот на Еврејската заедница и синагогата. Овој чин не е само напад врз верски објект, туку длабоко вознемирувачки удар врз темелните вредности на цивилизираното општество соживотот, достоинството и меѓусебната почит“, стои во изјавата потпишана од претседателот Пепо Леви.
Од заедницата посочуваат дека Евреите со векови се дел од овие простори, придонесувајќи за општествениот развој и градејќи живот заснован на мир и солидарност, заедно со сите сограѓани.
Во соопштението се изразува и загриженост поради, како што наведуваат, зголеменото присуство на говор на омраза и нетолеранција во последните години, како и опасното поврзување на Евреите со геополитичките случувања на Блискиот Исток.
„Обидот за подметнување пожар е алармантна последица на ваквата атмосфера. Го осудуваме овој чин недвосмислено и повикуваме на заедничка, гласна осуда од сите општествени чинители“, се додава во реакцијата.
Апелираат институциите да го расветлат случајот и до јавноста да не дозволи омразата и стравот да надвладеат над разумот и човечноста.
