СВЕТОТ НА РАБОТ НА НОВ ДОГОВОР – Еден ден преговори што може да ја смени енергијата и безбедноста
Извори тврдат дека САД би можеле да ослободат околу 6 милијарди долари замрзнати средства.

Според извори блиски до иранската новинска агенција „Тасним“, извештајот на CNN за наводни повеќедневни разговори во Пакистан е неточен. Тие наведуваат дека преговорите, доколку се одржат, би траеле само еден ден, а не неколку како што беше првично објавено.
Иранските извори тврдат дека Техеран во моментов ја проценува другата страна и дека евентуалните разговори би можеле да започнат во сабота навечер. Планот, според истите извори, предвидува краток и интензивен дијалог со цел побрз исход.
Висок ирански функционер изјавил дека САД наводно се согласиле да деблокираат замрзнати ирански средства што се чуваат во Катар и други странски банки, што Техеран го оценува како знак на сериозност во преговорите што би се одржале во Исламабад.
Според истиот извор, дел од договорот би вклучувал и безбеден премин низ Ормускиот теснец, прашање кое се очекува да биде едно од клучните во разговорите. Сепак, засега не е објавена официјална вредност на средствата што би биле ослободени.
Друг ирански извор наведува дека станува збор за околу 6 милијарди долари замрзнати средства во Катар. До овој момент, нема официјална потврда од американската страна за ваков договор, ниту од Министерството за надворешни работи на Катар.
Средствата првично биле замрзнати во 2018 година, а дел од нив требало да бидат деблокирани во 2023 година во рамки на договор за размена на затвореници меѓу САД и Иран. Сепак, тие повторно биле замрзнати по ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток во октомври 2023 година.
Според претходните договори, средствата биле префрлени во Катар како дел од посреднички процес организиран од Доха, при што биле ослободени пет американски и пет ирански државјани. Американската страна тогаш истакнала дека парите можат да се користат само за хуманитарни цели под строг надзор.
