ОД ТАЈНИ ДО МИЛИОНИ – Како информации од Белата куќа завршуваат на пазарите за обложување
Дали службеници имале пристап до чувствителни информации?

Вработените во Белата куќа минатиот месец добиле предупредување да не користат доверливи информации за лична финансиска добивка преку обложување на т.н. пазари за предвидување.
Електронската порака, испратена на 24 март, следела еден ден по објавата на американскиот претседател Доналд Трамп за петдневно одложување на заканата за напади врз енергетската инфраструктура на Иран. Во мејлот се повикуваат и медиумски извештаи кои изразиле загриженост дека владини службеници можеби користат внатрешни информации за обложување на платформи како Калши и Полимаркет.
Портпаролот на Белата куќа, Дејвис Ингл, изјави за Би-Би-Си дека тврдењата за вмешаност на членови од администрацијата во такви активности без докази се „неосновани и неодговорни“. Тој нагласи дека сите федерални службеници се обврзани со етички правила кои забрануваат користење доверливи информации за лична добивка.
„Единствениот интерес што го води претседателот Трамп е интересот на американскиот народ“, додаде Ингл.
Платформата Полимаркет повторно привлече внимание во јануари, кога корисник заработи речиси половина милион долари обложувајќи се на апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро непосредно пред официјалното соопштение.
Иако не е познат идентитетот на корисникот, анонимната сметка била поврзана со блокчејн-идентификатор без лични податоци. Случајот поттикна сомнежи дека можеби биле искористени доверливи информации поврзани со американски операции.
Пазарите за предвидување, кои овозможуваат тргување со договори врз основа на идни настани, бележат нагло зголемување на популарноста и во последната година достигнале промет од над 44 милијарди долари. Освен спорт, корисниците сè почесто се обложуваат на политички одлуки, избори и монетарни политики.
Сепак, обложувањето на воени конфликти отвори нова дебата за потребата од построга регулација на индустријата, особено по серија сомнителни трансакции поврзани со војната во Иран, кои поттикнаа повици за истрага во американскиот Конгрес.
Во март, демократски претставници предложија законска иницијатива за целосна забрана на обложување поврзано со војни и воени операции.
