САЛАХ НА КЛУПАТА – Слот откри зошто Ливерпул се бранеше против ПСЖ
Ливерпул беше во „режим на преживување“ на Париз и со тактика на тројца дефанзивци го ограничуваше ПСЖ.

Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, ја презеде одговорноста за поразот од 2-0 на гостувањето кај Пари Сен-Жермен во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампиони и објасни зошто донел неочекувана тактичка одлука да игра со тројца централни дефанзивци и да го остави Мохамед Салах на клупата.
„Тактиката беше изнудена од моќта на ПСЖ. Бевме во ‘режим на преживување’. Со оглед на тоа колку добро играат дома и на нивната офанзива, моравме да се прилагодиме. Ако настапевме со офанзивни крила против Хакими и Нуно Мендеш, можеби резултатот ќе беше многу полош“, изјави Слот.
Ливерпул заврши со само 26% посед на топката и три шутеви кон голот, во споредба со 18 на ПСЖ.
„Сте виделе ли некој да му дозволи на ПСЖ да реди шанси на домашен терен? Нашата цел беше да ги спречиме да ни постигнат уште повеќе“, додаде холандскиот стратег.
Најголемото прашање кај навивачите беше отсуството на египетската ѕвезда, која не влезе во игра ниту по четирите замени во второто полувреме. Слот појасни:
„Во последните 20-25 минути само се браневме. Мо има огромен квалитет, но не сметав дека е паметно да троши енергија бранејќи се во сопствениот шеснаесетник. Подобро е да ја зачува силата за следните натпревари.“
Салах минува низ тешка сезона и веќе најави дека на крајот од сезоната ќе го напушти клубот, па стратегот внимателно го „дозира“ во клучни натпревари. Од доаѓањето во 2017 година, ова беше само втор натпревар во нокаут-фаза на ЛШ што го пропуштил и првиот беше реваншот со Барселона во 2019 година, кога Ливерпул направи неверојатно 4-0.
И покрај негативата од два гола, Слот е убеден дека двомечот не е завршен и најави сосема поинаков пристап за реваншот во Англија:
„Сега ја враќаме пресметката на Енфилд. Таму нема да ја користиме истата тактика. Се надевам дека ќе покажеме сосема поинакво лице пред нашите навивачи.“
Реваншот се игра следниот вторник, а Ливерпул ќе мора да брка негатива против расположениот тим на ПСЖ.
