АЛАРМАТНО ОТКРИТИЕ – Колективниот договор за култура можеби е нелегален
Судот отвори постапка за Колективниот договор за култура поради сомнеж дека воспоставува сопствен модел на плати без законска рамка.

Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура по иницијатива на адвокатот Томислав Стефков. Причината е сомнеж дека договорот воспоставува автономен систем на плати без соодветна законска рамка и не содржи јасни и објективни критериуми за утврдување на платите.
Истовремено, судот по сопствена иницијатива ја отвори постапката и за член 78-љ од Законот за култура. Од уставно-судската анализа произлегле три главни прашања во однос на тоа дали Колективниот договор ја надминува законската делегација утврдена со закон, дали воспоставува автономен систем на плати без јасна нормативна рамка и дали обезбедува доволно прецизни и објективни критериуми за утврдување на висината на платите?
Судот оцени дека Колективниот договор ја надминува законската рамка бидејќи, наместо да ја доработи законската норма од член 78-љ од Законот за култура, воспоставува сопствен модел за утврдување на платите. Според Судот, ова го нарушува принципот на владеење на правото и поделбата на власта и го доведува во прашање законскиот систем на плати во културниот сектор.
Исто така, се постави прашањето дали пропустот се крие во член 76-љ од Законот за култура, кој не ја регулира методологијата за пресметка на плата, коефициентите на сложеност и формулата за пресметка. Недостигот на јасни критериуми ја доведува во прашање правната сигурност и еднаквоста на вработените, бидејќи платата како основно право од работен однос не произлегува директно од закон.
Во тој контекст, Судот постави и прашање дали двајца вработени со исти квалификации и на исто работно место можат да имаат различни плати само поради различен основач на установата, односно дали вредноста на трудот ја одредува системот или расположливиот буџет.
Судот изрази сомнеж дека одредбите за платено отсуство за образование, стручно усовршување и уметнички ангажмани можат да надминат законски дозволени лимити, со што се менува дистинкцијата помеѓу платено и неплатено отсуство.
Колективниот договор за култура опфаќа 74 национални установи со 1.976 вработени и 49 локални установи со 492 вработени
Вкупно, договорот се однесува на 2.345 вработени во 123 установи од областа на културата.
Основната плата варира од околу 45.000 денари за најниското звање на помошно-техничкиот персонал до околу 128.000 денари за највисоките звања кај давателите на услуги.
