МАКЕДОНСКИОТ НАРОДЕН ТЕАТАР ВЛАДЕЕ НА СЦЕНАТА – Двајца актери освоиле награди ист ден
МНТ повторно докажува дека е лидер на регионалната сцена.

Двајца актери од Македонскиот народен театар беа наградени за своите улоги во претставата „Народен пратеник“ во ист ден, на два различни фестивали, што ја потврдува високата уметничка вредност на ансамблот и силниот регионален одек на театарот.
Актерот Тони Михајловски ја освои наградата за најдобар актер веднаш по изведбата на претставата на јубилејното 30. издание на фестивалот „Актерски свечености – Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац. Настапот на ансамблот беше поздравен со силни аплаузи и одличен прием од публиката и стручната јавност.
Фестивалот „Актерски свечености – Миливоје Живановиќ“, кој се одржува од 1995 година во чест на големиот српски актер Миливоје Живановиќ, традиционално се одржува во првата недела од април и им нуди на гледачите избрани претстави од престижни театри од Србија и регионот. Програмата опфаќа пет натпреварувачки вечери, а победниците се борат за главната награда, статуетата „Миливоје Живановиќ“. Меѓу досегашните лауреати се значајни имиња како Љубомир Тадиќ, Драган Миќановиќ, Војислав Воја Брајовиќ, Предраг Ејдус, Ружица Сокиќ, Милан Лане Гутовиќ, Предраг Мики Манојловиќ, Небојша Глоговац и Јелисавета Сека Саблиќ.
Истовремено, во Велес, на петтото јубилејно издание на фестивалот „5-РЕ“, Тања Кочовска ја доби наградата за најдобра споредна женска улога за улогата на Спиројца. Жирито во состав Зорица Панчиќ, Владимир Тулиев и Елеонора Теова го истакна нејзиното духовито и доминантно сценско присуство, нагласувајќи дека „секој нејзин гест и реплика се претвораа во победа“, а нејзината изведба беше еден од највпечатливите моменти на фестивалот.
Претставата „Народен пратеник“, по текст на Бранислав Нушиќ и во режија на Егон Савин, има значајно меѓународно присуство, како дел од балканската турнеја. Досега е изведувана во Народното позориште во Белград, Црногорското народно позориште во Подгорица и на повеќе сцени во Босна и Херцеговина, а била дел и од реномираниот фестивал „Стериино позорје“.
Продукцијата има повеќе значајни признанија, меѓу кои главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава на фестивалот „Борини позоришни дани“ и специјалната „Стериина награда“ за колективна актерска игра.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
