ПЕНЗИИТЕ ЌЕ ГО ПРОГОЛТАТ БУЏЕТОТ – Стареењето на населението го турка системот кон колапс
Буџетските трансфери веќе достигнаа 690 милиони евра, а до 2057 година можат да достигнат 7,4% од БДП.

Буџетските трансфери за пензии во 2024 година достигнуваат околу 690 милиони евра и се очекува дополнително да растат во 2025, што создава сериозен притисок врз јавните финансии. Ова е клучниот заклучок на Државниот завод за ревизија во извештајот „Реформи за одржлив пензиски систем и соодветна грижа за старите“.
Во исто време, стратегијата за стари лица е истечена повеќе од пет години, а услугите за долготрајна нега опфаќаат помалку од 1% од повозрасната популација. Ова отвора ризик од зголемена социјална исклученост и укажува на потреба од сериозни системски реформи.
Ревизијата, која го анализира периодот од 2014 до јуни 2024 година, покажува дека и покрај одредени мерки, грижата за лицата над 65 години и одржливоста на пензискиот систем остануваат недоволни. Недостигаат долгорочни решенија за справување со забрзаното стареење на населението.
Пензискиот систем и натаму обезбедува редовна исплата, но има сериозни структурни слабости. Неговата стабилност е нарушена од негативни демографски трендови, ниска наплата на придонеси и раст на пензиите кој не го следи економскиот раст. Наместо реформи, разликата се покрива со сè поголеми буџетски средства.
Првиот столб континуирано работи со дефицит и расходите ги надминуваат приходите, а државата ја покрива разликата. Во изминатата деценија, буџетските средства учествуваат со 32,6% до 43,6% во приходите на Фондот, достигнувајќи 42,4 милијарди денари во 2024 година.
Вториот столб е стабилен, но со ограничен принос, бидејќи најголем дел од средствата се вложени во државни обврзници.
Демографската слика дополнително ја влошува состојбата. Просечната возраст пораснала од 32,3 години во 2000 на 41,8 во 2024 година. Се зголемува бројот на постари лица, додека младите се намалуваат, главно поради емиграција.
Проекциите се загрижувачки: до 2055 година, лицата над 65 години ќе сочинуваат повеќе од една третина од населението, а работоспособната популација ќе се намали за околу 470.000 луѓе. Буџетските трошоци за пензии би можеле да достигнат 7,4% од БДП.
Потребата од долготрајна нега исто така расте и од околу 63.000 лица во 2024 на 108.000 до 2050 година. Без нови капацитети, товарот ќе остане врз семејствата.
Ревизорите заклучуваат дека е неопходен итен, координиран пристап со конкретни мерки, рокови и финансиска поддршка. Без суштински реформи, одржливоста на пензискиот систем и грижата за старите лица ќе бидат сериозно доведени во прашање.
