УЧЕНИЦИТЕ ЧИТААТ, НО НЕ РАЗБИРААТ – Алармантни резултати од македонските училишта
Децата кои помалку читаат книги и поминуваат време на телефони покажуваат најслаби резултати.

Сè повеќе ученици во Македонија читаат, но не разбираат што прочитале, покажуваат последните истражувања. Децата се потешко ги искажуваат своите мислења, не ја разбираат содржината на текстовите и имаат проблем да учествуваат во дискусии за нив.
Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) спровел анализа на 1.288 ученици од четврто и осмо одделение, кои одговарале на шест прашања за два раскази и еден со позната и еден со непозната содржина.
„Резултатите генерално се слаби и може да се заклучи дека квалитетот на образованието во основните училишта опаѓа генерациски. Денешните четвртооделенци се многу послаби од сегашните осмооделенци, а кога тие ќе стигнат до осмо одделение, ќе бидат уште послаби од сегашните осмооделенци“, вели Петар Атанасов од ИСППИ.
Најслабите резултати ги покажуваат децата кои помалку читаат книги, не спортуваат, а премногу време поминуваат на телефон.
„Во основните училишта од четврто до осмо одделение треба да се работи на повеќе техники: децата да слушаат, читаат, раскажуваат, дебатираат и да научат да изградат свој личен став. Преку дијалог и дискусии на часовите, тие треба да се изложуваат на различни текстови“, додава Атанасов.
Професорите апелираат да се преземат итни мерки. Иако наставните програми се добро изготвени, недостасува нивна ефективна примена. Тие нагласуваат дека наставниците треба да имаат поактивна улога, умерено да користат дигитализација и да се фокусираат на класично образование преку книги и текстови.
