ЛУИС ЕНРИКЕ ИЗНЕНАДУВАЧКИ – Пари Сен Жермен не е фаворит против Ливерпул
Ниту еден тим нема гарантирана победа во четвртфиналето на Лигата на шампионите.

Фудбалерите на Пари Сен Жермен вечерва ќе го пречекаат Ливерпул во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите.
Ова ќе биде своевидна реприза на минатогодишниот извонреден осминафинален двомеч. Тогаш Ливерпул важеше за благ фаворит и победи во Париз со 0-1, но Пари Сен Жермен возврати на „Енфилд“ со ист резултат и се пласираше понатаму по изведување на пенали, а потоа ја освои титулата.
Шампионот на Франција има привилегија да се движи „топло-ладно“ во Лига 1, но повторно важи за апсолутен фаворит кога е во прашање освојувањето на трофејот, додека „црвените“ не бележат совршена сезона и се борат за место што води директно во групната фаза на ЛШ.
Двата тренери немаат сериозни проблеми со повредени играчи, па се очекува мечот на „Паркот на принцовите“ да започне со најсилните состави.
Сега Пари Сен Жермен важи за јасен фаворит за полуфинале, но тренерот на европскиот шампион, Луис Енрике, предупредува дека ништо не е сигурно.
„Не е важно кој е фаворит или кого вие го сметате за фаворит. Со вакви екипи во ова натпреварување не може да има фаворит. Не верувам дека ние сме фаворити. Минатата година сите зборуваа дека Ливерпул е фаворит, а Пари Сен Жермен продолжи понатаму. Нема фаворити“, истакна Енрике.
Тој, исто така, ги сподели очекувањата пред вечерашниот меч:
„Не знам што точно да очекувам. Можеби ќе биде натпревар сличен на ланскиот прв дуел на нашиот терен. Но, работите се менуваат многу брзо, во зависност од резултатот и други фактори. Ќе се обидеме да имаме поголем посед на топката, но знаеме дека ќе биде тешко. Ливерпул е одличен тим, со многу квалитетни играчи и искусен тренер. Ќе биде комплицирано, но ние сме навикнати да играме против англиски екипи“, додаде тој.
Натпреварот на „Паркот на принцовите“ ќе започне во 21 часот.
