АПЕЛАЦИЈА ЈА УКИНА ПРВОСТЕПЕНАТА ЗАТВОРСКА КАЗНА – Димова може да диши полесно

Судот ја укина двегодишната казна затвор за Димова и го врати предметот на повторно судење.

АПЕЛАЦИЈА ЈА УКИНА ПРВОСТЕПЕНАТА ЗАТВОРСКА КАЗНА – Димова може да диши полесно
Фото: Принтскрин

Апелациониот суд Скопје ја укина пресудата против Лидија Димова, поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, со која таа беше осудена на двегодишна казна затвор за злоупотреба на службената положба. Предметот е вратен на повторно судење во Кривичниот суд.

Жалби на пресудата поднесоа и обвинителството и одбраната, а расправата се одржа на 11 март. Повисокиот суд заклучи дека во пресудата не е јасно наведено за кои конкретни дејствија обвинетата е прогласена за виновна, а за кои е ослободена, што претставува сериозен пропуст во постапката.

Исто така, укинат е делот од пресудата со кој Димова требаше да врати 370.000 евра кон Националната агенција. Судот оценува дека пресудата е нејасна и неразбирлива, бидејќи таа е осудена за „злоупотреба на службената положба“, а во исто време е ослободена од обвинението за „измама на штета на средства на Европската заедница“ без да се прецизира за кои конкретни дејствија од второто дело е ослободена.

Според обвинителниот предлог, Димова се товари дека во периодот од 2018 до 2020 година, како директорка на агенцијата која ја управува „Еразмус+“ програмата, ангажирала надворешни соработници, експерти и обучувачи без јавен конкурс. Исто така, ѝ се става на товар дека незаконски го спровела преселувањето и реновирањето на агенцијата во нови простории, како и дека одобрувала исплата на дневници за патувања во странство.

CATEGORIES
Share This