СЕ РАБОТИ ЗА ПРОПАГАНДА – Пендаровски демантира дека ќе прави партија
Филипче тврди дека изјавите се извадени од контекст и ја нагласува поддршката на Пендаровски.

Поранешниот претседател Стево Пендаровски ги отфрли гласините дека планира да формира нов политички субјект, оценувајќи дека станува збор за шпекулации.
„Се работи за шпекулација што излезе од власта, во која моето име е свесно злоупотребено во нивната пропаганда против најголемата опозициска партија СДСМ. Го познавам начинот на работа на власта и сум сигурен дека ова нема да биде нивниот последен обид“, реагира Пендаровски.
Во интервју за Призма, тој исто така оцени дека постои јасен дисбаланс помеѓу падот на поддршката за власта и неспособноста на опозицијата да ја искористи таа ситуација.
„Кога тоа не успевате да го направите, рецептите се јасни или ја менувате политичката стратегија и пристапот кон граѓаните, или воведувате нови луѓе кои ќе можат да допрат до различни слоеви на гласачкото тело“, додаде Пендаровски.
Тој предупреди дека со актуелниот тренд, СДСМ може да се соочи со сериозни последици.
„Постои реална опасност партијата да се најде на пат кон исчезнување или да влезе во статистичка маргина на грешка“, рече поранешниот претседател.
На неговите ставови реагираше лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека изјавите на Пендаровски се погрешно интерпретирани.
„Изјавата на Пендаровски е од пред неколку недели и не е таква каква што се претставува. Таа е извадена од контекст. Тој дава максимална поддршка на тоа што го правиме во партијата“, изјави Филипче.
Тој оцени дека станува збор за координирана кампања против него и партијата.
„Ако ние сме мртва партија, зошто 90 отсто од кампањата е насочена лично кон мене со навреди и несоодветни зборови?“ – праша Филипче.
Според него, СДСМ бележи раст и ја намалува разликата со владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Не само што партијата не е мртва, туку разликата помеѓу нас и нив сега е намалена на 1,25 проценти“, заклучи Филипче.
