ВАЖЕН ЧЕКОР ВО РЕФОРМАТА – Советот на јавните обвинители добива нови овластувања и строги критериуми

„Јавната расправа започнува денеска во Парламентот, Комисијата за политички систем го усвои предлог-законот во прво читање.

ВАЖЕН ЧЕКОР ВО РЕФОРМАТА – Советот на јавните обвинители добива нови овластувања и строги критериуми
Фото: Национал

Јавната расправа за предлог-законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија ќе се одржи денеска во Парламентот. Настанот е организиран од собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, која на седница на 27 март го усвои предлогот во прво читање. Законот е предложен од Министерството за правда, а Владата на седница во февруари го утврди текстот со кој се предвидува зајакнување на независноста, отчетноста и транспарентноста на јавниот обвинителски систем.

Министерството за правда ги истакна клучните измени во законот:

  • Детално уредена постапка за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, која се покренува врз основа на образложено барање од најмалку четири членови на Советот.
  • Засилена улога на Советот во постапката за избор и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, вклучително и можност за поднесување иницијатива за разрешување до Собранието.
  • Зајакнување на транспарентноста преку јавност на второстепената дисциплинска постапка, со јасно утврдени исклучоци за заштита на лични податоци, угледот на странките и други легитимни интереси.
  • Воведување прецизни критериуми за избор на членови на Советот, кои гарантираат стручност, искуство и интегритет, по пример на новиот Закон за Судскиот совет.
  • Детализирана постапка за разрешување на член на Советот, со јасно утврдени рокови и критериуми.

На седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на 27 март, министерот за правда Игор Филков оцени дека законот е „еден од клучните столбови во реформата на правосудниот систем и зајакнувањето на владеењето на правото“. Тој напомена дека предлог-законот добил позитивно мислење од Венециската комисија, чијшто препораки се интегрирани во текстот.

Филков додаде дека законот е дел од поширок реформски пакет кој цели да ги реши слабостите во функционирањето на Јавното обвинителство и неговите управувачки структури, како и да обезбеди усогласување со европските стандарди. Донесувањето на законот ќе претставува важен чекор во реформската агенда во областа на владеењето на правото.

CATEGORIES
Share This