НАФТАТА ЕКСПЛОДИРА – Брент над 111 долари по заканите на Трамп
Иран има рок до вторник да ги исполни барањата на САД, инаку се закануваат уништување на критична инфраструктура.

Цените на нафтата на светските берзи пораснаа на почетокот на неделата, откако американскиот претседател Доналд Трамп упати нови закани за можна воена акција против Иран, што ја зголеми загриженоста за глобалното снабдување.
Цената на „Брент“ за испорака во јуни надмина 111 долари за барел, што е речиси 40 долари повеќе отколку пред ескалацијата на конфликтот. Пораст бележи и американската лесна нафта.
Трамп му постави ултиматум на Техеран, предупредувајќи на „сериозни последици“ доколку до вторник во 20 часот (01:00 часот во среда по Централноевропско време) не ги исполни американските барања. Ултиматумот за повторното отворање на Ормускиот теснец е продолжен веќе третпат, а реториката од Вашингтон станува се поостра.
Во изјави за медиумите, Трамп предупреди дека во случај на непослушност, Иран би можел да се соочи со уништување на клучна инфраструктура, вклучително електроцентрали и мостови. Слични пораки објави и на својот профил на „Truth Social“.
Во меѓувреме, земјите од групата ОПЕК плус изразија длабока загриженост поради нападите врз енергетската инфраструктура, нагласувајќи дека обновата на оштетените капацитети ќе биде скапа и долготрајна, што дополнително ја загрозува стабилноста на снабдувањето.
Од групата потенцираа дека е од „критична важност“ да се обезбеди безбедноста на меѓународните поморски рути, особено Ормускиот теснец, низ кој поминува значителен дел од светската трговија со нафта.
И покрај тензиите, дел од земјите-членки, меѓу кои Саудиска Арабија, Кувајт, Оман и Обединетите Арапски Емирати, најавија умерено зголемување на производството. Според нив, во мај производството ќе биде зголемено за околу 206 илјади барели дневно.
