СПОРНИОТ ЗАКОН ПОВТРОНО ВО ФОКУС – Протест денес во Скопје

Се бара спроведување на Законот за употреба на јазиците при правосудниот испит.

СПОРНИОТ ЗАКОН ПОВТРОНО ВО ФОКУС – Протест денес во Скопје
Фото: Принтскрин

Денеска во Скопје со почеток во 12:30 часот ќе се одржи протестен марш на група граѓани кои го изразуваат своето незадоволство поради неспроведувањето на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит.

Маршот ќе започне од плоштадот „Карпошово востание“, ќе продолжи преку Камениот мост, а ќе заврши пред Министерството за правда.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека ќе биде воведен посебен сообраќаен режим долж трасата на движење. Од СВР Скопје посочуваат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе соодветни мерки и апелираат до граѓаните да ги почитуваат упатствата на полициските службеници.

Премиерот Христијан Мицкоски упати апел до учесниците да не дозволат протестот да биде искористен за политички цели. Тој нагласи дека делот од законот кој се однесува на правосудството е оспорен пред Уставниот суд и има негативно мислење од Венециската комисија.

„Ги уверувам студентите дека, како и за многу други предизвици од минатото, ќе се најде соодветно решение и за ова прашање“, изјави Мицкоски.

Од друга страна, градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, оцени дека протестот претставува повик за поголема општествена свест и унапредување на законските решенија.

„Јазичната политика во Македонија, за жал, е уредена со половичен закон, а половичните закони носат и половични решенија“, изјави Меџити.

Тој додава дека се потребни поквалитетни и поодржливи законски решенија.

CATEGORIES
Share This