ТРАГЕДИЈА ПО ПОРАЗОТ – Мирчеа Луческу во тешка состојба по двоен инфаркт
80-годишниот тренер бил хоспитализиран само неколку дена по поразот од Турција.

Легендарниот романски фудбалски стратег Мирчеа Луческу се соочува со сериозна здравствена криза, откако за краток период доживеал два срцеви удари и во моментов се наоѓа во индуцирана кома.
80-годишниот Луческу бил хоспитализиран пред нешто повеќе од една недела, само три дена по поразот на неговата репрезентација од Турција во бараж натпреварот за пласман на Светското првенство 2026.
Луческу важи за едно од најголемите имиња во историјата на романскиот фудбал. Како играч, тој беше капитен на националниот тим на Романија на Светското првенство 1970, а подоцна ја предводеше селекцијата како селектор на нејзиниот прв настап на Европското првенство 1984.
Во својата богата тренерска кариера, Луческу работеше во повеќе европски шампионати, предводејќи клубови од Италија, Турција, Украина и Русија, а беше и селектор на Турција. Најголемиот белег го остави во Шахтер Доњецк, каде што од 2004 до 2016 година изгради доминантен тим и во 2009 година го освои Купот на УЕФА.
Фудбалскиот свет со загриженост ги следи вестите за неговата здравствена состојба.
