ВЛАДАТА ОДЛУЧИ – Дизелот нема да поскапи, бензините ќе поевтинат
Без мерките, дизелот ќе скокнеше над 102 денари и еве како се избегна шокот.

На денешната вонредна седница, Владата донесе пакет мерки за директна интервенција во цената на нафтените деривати, со цел заштита на стандардот на граѓаните од глобалните ценовни шокови предизвикани од тензиите на Блискиот Исток.
Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција соопшти дека акцизите се намалуваат за дизел 4 денари по литар додека за бензин 95 и 98 октани за 2 денари по литар. Данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата останува намален од 18% на 10% сè до крајот на кризната состојба, кој истекува на 20 април.
Мицкоски нагласи дека без овие мерки, цената на дизелот би надминала 102 денари по литар, а бензините би поскапеле за 1,5 до 2 денари.
За ублажување на ударот, Владата постигнала и директен договор со рафинеријата ОКТА кој се однесува на попуст до крајот на април и тоа за дизел дополнителни 3 денари по литар додека за бензин 95 и 98 октани дополнителни 2 денари по литар.
Кога мерките на Владата се комбинираат со договорот со ОКТА, цената на дизелот останува иста, амортизирајќи потенцијално поскапување од 7 денари додека цената на бензините се намалува за 2 денари во однос на изминатата недела.
„Не можеме да бидеме изолирани од глобалните процеси, но делуваме и не чекаме кризата да нè прегази“, заклучи Мицкоски.
