СИСТЕМОТ ЗА КАМИОНИ И АВТОБУСИ ПОЧНУВА ОД 30 СЕПТЕМВРИ – Детали што ги чекаа транспортерите

Преговорите со Швајцарија, Хрватска, Романија и Унгарија се во завршна фаза.

СИСТЕМОТ ЗА КАМИОНИ И АВТОБУСИ ПОЧНУВА ОД 30 СЕПТЕМВРИ – Детали што ги чекаа транспортерите
Фото: Принтскрин

Министерот за транспорт, Александар Николоски, изјави дека преговорите за решавање на проблемите на македонските транспортери по воведувањето на ЕЕС системот за влез во ЕУ напредуваат добро. Според него, има доволно време до 30 септември, кога системот треба да почне да се применува.

„Преговорите одат добро. Системот за камиони и автобуси ќе почне да се применува од 30 септември, што значи дека веќе добивме одложување и имаме доволен период да се завршат сите процедури. Одиме кон долгорочни визи. Швајцарија веќе ги воведе и се издаваат. Во Хрватска законот е во Собранието и очекуваме да биде усвоен за неколку недели. Во Романија веќе влезе во процедура. Во Унгарија добивме ветување дека по завршувањето на изборите и формирањето на Парламентот, законот ќе влезе во процедура“, рече Николоски, одговарајќи на новинарско прашање по увидот во градежните работи на првата делница од „Градскиот воз“.

Тој најави дека во втората половина на април македонска делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски ќе отпатува во Австрија, каде ова ќе биде една од главните теми на средбите.

„Останува уште Германија, со што главните рути за македонските транспортери ќе бидат решени. Следната голема дестинација е Велика Британија, но имајќи предвид дека таа е надвор од Европската унија и Шенген зоната, таму важат посебни правила кои и досега се применуваа“, додаде Николоски.

CATEGORIES
Share This