ШОКАНТНИ ПОДАТОЦИ – Производството на овошје во Македонија се урна за половина

Црешите и јаболката бележат најголем пад, и покрај зголемување на насадите.

ШОКАНТНИ ПОДАТОЦИ – Производството на овошје во Македонија се урна за половина
Фото: Принтскрин

Во 2025 година, земјоделството во Македонија забележа значителен пад на производството кај сите овошни култури, иако површините под овоштарници благо се зголемија, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Најдрастично е намалувањето кај црешите, каде родот падна за 54,1% и тоа од 5.537 тони во 2024 година на само 2.544 тони во 2025 година.

Сличен негативен тренд е забележан и кај другите овошја. Производството на јаболка се намали за речиси 45%, од 127.696 на 70.751 тони. Вишните забележаа пад од 42,8%, крушите од 44,4%, а оревите околу 41%. Најмалку е намален родот на праските, за 31,6%, додека сливите имаат помалку род за околу една третина. Овие намалувања се случуваат во време кога површините со овошни насади пораснале за 1,5%, додека кај лозјата е регистрирано намалување на површините од 1,9%.

За разлика од овоштарството, дел од полјоделските култури бележат позитивни поместувања. Производството на сончоглед се зголеми за 5,8%, тутунот за 3,5%, оризот за 2,9%, а компирот за 2,3%. Кај градинарските култури како доматите и пиперките е забележан благ пад од 2,6%, односно 1,4%. Најголемо намалување во овој сектор има кај крмната пченка, чиј род е помал за 33,5% во однос на претходната година.

Вкупната обработлива површина во земјата во 2025 година изнесувала 504.478 хектари.

CATEGORIES
Share This