СТУДЕНТИТЕ ПОДДРЖАНИ ОД УЈП – Едукативни работилници за полесно плаќање данок
Обуките стартуваат на 6 април и студентите ќе научат како правилно да ги плаќаат даноците за работа во странство.

Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова, оствари средба со претседателката на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС – УКИМ), Ангела Василевска, и заменик-претседателот Адам Стојановски, со цел заедничко градење на здраво општество преку исполнување на даночните обврски и охрабрување на младите да даваат сопствен придонес во општествените цели.
На средбата беше договорено:
- УЈП ќе организира едукативни работилници за студентите, кои ќе започнат на 6 април, за запознавање со нивните обврски и права при работа во странство преку програмата „Work and Travel“.
- Ќе се изработат видео материјали и флаери за студентите. Дел од материјалите ќе ги подготви УСС – УКИМ доколку има доволна заинтересираност од страна на студентите.
- Студентите кои не го искористиле правото на поврат на данок за работа во странство можат да обезбедат потврда за резидентност од УЈП и да остварат поврат на задржаниот данок, согласно договорот за избегнување на двојно оданочување.
- Претставниците на УСС – УКИМ изнесоа идеја за формирање работна група која ќе работи на законски измени и поедноставување на даночниот третман на доходите од програмата „Work and Travel“, со цел студентите полесно и навремено да ги исполнат своите обврски.
Дополнително, УЈП информира дека сите даночни обврзници кои оствариле приходи од странство можат да го платат данокот за 2025 година во законскиот рок, најдоцна до 30 јуни 2026 година, а информации за оданочување од странство се достапни и на интеранет страницата на УЈП.
Средбата следува по јавните реакции на студентите за ретроактивна наплата на данок за работа во Германија. И УЈП и УСС – УКИМ потенцираа дека целта е студентите да бидат информирани и подготвени за исполнување на своите обврски на законски начин, со поддршка од двете страни.
