БРОЈОТ НА ПРИГОВОРИ ПРОТИВ БЕЗБЕДЕН ГРАД ДРАСТИЧНО СЕ НАМАЛУВА – Еве зошто
Од 476 приговори во февруари, минатиот месец поднесени само 65.

Минатиот месец значително се намали бројот на приговори поднесени до Основниот кривичен суд Скопје во врска со системот „Безбеден град“ и издавањето прекршочни налози за сообраќајни прекршоци, соопшти Кривичниот суд.
Граѓаните и фирмите кои не се согласуваат дека сториле прекршок можат да поднесат приговор до надлежниот суд. Овие приговори се однесуваат на лица кои добиле платен налог од МВР, но не сакаат да ја платат казната, бидејќи сметаат дека не сториле прекршок или дека системот има недостатоци.
Во вториот месец од функционирањето на системот, бројот на приговори значително се намалил, а веќе се завршуваат и предметите од претходно поднесените приговори.
Минатиот месец се поднесени вкупно 65 приговори, што е значително помалку од 476 приговори во февруари, првиот месец од стартот на „Безбеден град“. Од овие 65 приговори, 22 се од правни лица, а 43 од физички лица.
Статистиката покажува дека најголемо намалување има кај приговорите од правни лица. Во февруари, од нив биле поднесени 431 приговор, додека кај физичките лица бројот останува речиси ист, 45 приговори во февруари, а 43 во март.
Поголемиот број на приговори од правни лица во февруари се должеше на возила земени на лизинг и на случаи каде граѓани продале возила, но не ги одјавиле во МВР.
Во текот на март, од поднесените приговори, 92 предмети веќе се завршени со пресуда, велат од Основниот кривичен суд Скопје.
Постапувањето по овие предмети го вршат 16 судии од Одделот за прекршоци. Сите приговори се заведуваат навремено и во рок од 8 дена се доставуваат до МВР за нивно произнесување, што е предуслов за понатамошна постапка.
