ОСТАВКА ШТО ОТВОРИ ФРОНТ – Едни ја слават како храбар чин, други ја нарекуваат бегство
Експертите алармираат за притисоци, обвинителството се брани со „организациски причини“.

Реакциите во јавноста и меѓу правните експерти ја отворија дилемата дали заминувањето на обвинителката Ленче Ристоска е уште еден показател за системски притисоци и слабости во институциите.
Оставката на Ристоска предизвика бурни реакции, при што дел од експертите оценуваат дека нејзината одлука повеќе говори за состојбите во системот отколку за личен избор.
Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, смета дека овој чекор е израз на висок професионален интегритет. Таа предупредува дека одземањето на овластувањата на Ристоска во предметите „Талир“, кои се во завршна фаза, може негативно да влијае врз нивната ефикасност.
„Одземањето на предмети од обвинител кој е пред финализација може да ги одолговлечи процесите. Потребно е јасно објаснување зошто е донесена таква одлука“, посочува Ивановска.
Таа додава дека ја разбира оставката како морален чин.
Магистерот по казнено право Мартин Тасевски ја толкува оставката како силна порака кон системот.
„Кога обвинител бара заштита и не ја добива, кога му се одземаат предмети и на крај заминува, тоа е најгласното можно обвинение против системот“, вели Тасевски.
Тој оценува дека често институциите доцна ја препознаваат вистината.
Професорот Денис Прешова смета дека ваквите случувања се резултат на недостиг од вистинска автономија во обвинителството.
„Во систем кој декларативно се залага за независност, но без јасна поддршка и реакција од надлежните тела, резултатот е послушност кон политичките центри на моќ“, вели Прешова.
Тој предупредува дека ваквата состојба директно им штети на државните интереси и доведува до демотивација или заминување на квалитетни кадри.
Според него, примерот на Ристоска треба да биде поттик и за други професионалци да покажат интегритет и да реагираат на неправилностите во системот.
Поранешниот новинар и уредник Бошко Нацевски оценува дека оставката доаѓа по серија притисоци и обиди за дискредитација на обвинителката.
„Овој потег е доказ за нејзината професионална и морална цврстина, и пораз за оние кои се обидоа да ја девалвираат“, наведува Нацевски.
Од друга страна, државниот јавен обвинител Савески изрази жалење за оставката, нагласувајќи дека одлуката за одземање на овластувањата не била насочена лично кон Ристоска.
„Станува збор за организациска одлука со цел зголемување на ефикасноста“, посочи Савески, повикувајќи ги обвинителите да го зачуваат професионалниот интегритет и угледот на институцијата.
Тој додава дека за оставката бил информиран преку СМС порака, а причините ги дознал од медиумите.
Оставката следува откако Советот на јавни обвинители ја отфрли претставката за наводен напад врз интегритетот на Ристоска, како и по одлуката да ѝ се одземат предмети поврзани со случаи против ВМРО-ДПМНЕ.
Спротивен став изнесе адвокатката и поранешна обвинителка Лејла Кадриу, која оценува дека станува збор за „бегство од одговорност“.
„Кога аргументите недостасуваат, оставката станува најлесен излез“, напиша Кадриу, додавајќи дека би го сметала потегот за принципиелен доколку бил направен во порана фаза од процесите.
Нејзината реакција следи по нејзино јавно гостување во емисијата „Вечерното шоу“ на телевизија Алфа, каде изнесе обвинувања за политичко влијание врз поранешното СЈО.
