КОЈ ЗГРЕШИ – МРТ бара виновник по емитување на контроверзна содржина
Програмскиот совет утврди прекршување на закон и побара одговорност

Директорот на Македонска радио телевизија, Марјан Цветковски, доби задача да утврди одговорност за емитувањето на спорна содржина на каналот МРТВ2, во која дете настапува со маица со мотиви поврзани со т.н. „Голема Албанија“. Оваа одлука ја донесе Програмскиот совет, кој констатираше прекршување на законските одредби.
Советот утврдил дека со емитувањето е прекршен член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, поради што директорот е задолжен да преземе соодветни мерки и да ја утврди одговорноста.
Иако беше контактиран, Цветковски не одговори на прашањето колку пати претходно бил емитуван спорниот настап, туку само кратко изјави дека постапката е во тек и дека јавноста ќе биде информирана по нејзиното завршување.
Според информации, главната уредничка на МРТВ2, Мерита Гаши, во моментот на емитувањето била на боледување, но не е познато дали таа претходно ја одобрила програмата.
И Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги реагираше на случајот, наведувајќи дека освен спорните симболи на маицата, на нејзиниот заден дел стоел натпис „Еден јазик, еден народ, една крв“, а и текстот на песната содржел пораки што поттикнуваат територијално обединување во регионот.
