МАКЕДОНСКИОТ ТЕАТАР НА СВЕТСКАТА СЦЕНА – Гоце Ристовски во жири во Молдавија
Престижна европска покана за Ристовски како член на меѓународното жири.

Гоце Ристовски, писател, театарски критичар и универзитетски професор, ќе биде член на жирито на Меѓународниот театарски фестивал на камерни форми, кој од 22 до 28 јуни годинава, по 14-ти пат, ќе се одржи во Кишињев, Молдавија.
Со големо задоволство ја прифатив поканата од Министерството за култура на Република Молдавија да бидам дел од меѓународното жири, составено од еминентни европски театарски дејци. Ова признание претставува не само лична чест за мене, туку и потврда за македонскиот театар во целина. Престојот во Кишињев ќе го искористам за афирмација на современиот македонски театар, за разговори за можни соработки меѓу театарските институции и уметници, како и за зајакнување на културните врски меѓу двете земји.
„Молдавија е земја со богата култура и историја, со која споделуваме слична судбина. Најсилната врска меѓу Македонија и Молдавија е преку кодификаторот на македонскиот јазик, Крсте Петков Мисирков, кој живеел во Бесарабија (денешна Молдавија) и дал значаен придонес во државноста на регионот како член на парламентот“, изјави Ристовски за МИА.
