ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА – Не гледам простор за работа во согласност со принципите
Обвинителката ја напушта функцијата поради притисоци и отстранување од клучни предмети за висока корупција.

Обвинителката Ленче Ристоска денеска поднесе оставка од функцијата јавен обвинител, образложувајќи дека не гледа можност за работа во согласност со принципите за кои се залагала низ целата своја кариера.
Во својата јавна изјава, Ристоска истакна дека функцијата обвинител отсекогаш ја доживувала како можност за придонес кон подобрување на системот, општеството и животот на граѓаните. Особено значајни, според неа, се предметите кои се однесуваат на нарушување на општествените вредности и владеењето на правото.
Таа објасни дека работата на високопрофилни случаи подразбира соочување со моќни противници кои, преку влијание, притисоци и институционални механизми, се обидувале да избегнат одговорност и да ја попречат нејзината работа. Во изминатите години, јавноста била сведок на влијанија врз сведоци, притисоци, измени на законски решенија, како и на случаи чие чување во фиока довело до нивно застарување.
Ристоска посочи дека своите заложби сакаше да ги реализира преку кандидатурата за државен јавен обвинител, со визија за институција која ќе работи во јавен интерес, ќе се бори против корупцијата и криминалот и ќе ги штити правата на граѓаните.
Клучни причини за оставката се последните одлуки во обвинителскиот систем. Советот на јавни обвинители ја отфрлил нејзината претставка за напад врз нејзиниот интегритет и самостојност, додека државниот јавен обвинител донел одлука да ѝ ги повлече овластувањата за застапување во клучни предмети кои се во завршна фаза.
Според Ристоска, овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на Јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предметите поврзани со висока корупција и криминал.
„Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам – обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција. Бидејќи не гледам простор за работа во согласност со тие принципи, денес поднесов оставка од функцијата јавен обвинител“, изјави Ристоска.
Во изминатиот период, таа беше во фокусот на јавноста поради предметите што ги застапуваше, меѓу кои и „Талир 1“ и „Талир 2“, поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.
