МИЦКОСКИ СО СИЛНА ПОРАКА – Ќе дојде време младите да се вратат дома

Транзицијата остави длабоки рани – од сиромаштија до енормно богатство кај малкумина.

МИЦКОСКИ СО СИЛНА ПОРАКА – Ќе дојде време младите да се вратат дома
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „Македонија наутро“ на МРТ истакна дека транзицијата во земјава оставила длабоки последици, при што од многу сиромашни граѓани мал број станале екстремно богати. Според него, токму оваа неправда придонела за големо разочарување кај граѓаните и масовно иселување.

Сепак, Мицкоски изрази уверување дека ќе дојде време кога младите кои заминале од државата ќе почнат да се враќаат, нагласувајќи дека борбата за подобра иднина треба да се води дома, бидејќи „само дома си е дома“.

Тој потсети на периодот на осамостојување на државата, нагласувајќи дека генерации луѓе се жртвувале за независна Македонија, а дел од нив биле и прогонувани поради своите идеи. Овие настани, како што рече, оставиле силен печат врз националниот идентитет и колективната меморија.

Премиерот додаде дека транзицијата донела брутална трансформација на општествениот во приватен капитал, при што многу луѓе преку ноќ останале без работа и со разочарани очекувања. Според него, токму тие генерации често ги советувале своите деца да ја бараат својата иднина во странство.

Во меѓувреме, новите генерации се соочиле со различни предизвици, а политиките водени од лични интереси дополнително ја продлабочиле недовербата. Дел од младите заминале во странство, верувајќи во брз успех, но, како што рече Мицкоски, често се соочуваат со тешка реалност и чувство на маргинализација.

Тој порача дека, и покрај тешкотиите, неопходно е да се обнови чувството на припадност кон татковината и да се надминат разочарувањата од минатото. Предупреди дека како мала нација, Македонија мора да ги зачува своите вредности за да обезбеди опстанок во иднина.

Мицкоски најави дека Владата работи на сеопфатна стратегија за младите, со фокус на поддршка за семејствата и зголемување на наталитетот. Меѓу мерките се предвидува ослободување од данок за мајките и една година за прво дете, две години за второ и до полнолетство за трето дете.

Тој нагласи дека е потребна и промена на менталитетот кај младите во однос на семејството, потенцирајќи дека семејството треба да се гледа пошироко.

Според него, загрижувачки е падот на наталитетот од 22-23 илјади новородени годишно, бројката по 2017 година се намалила на околу 16 илјади. Тоа, како што посочи, значи значително намалување на бројот на ученици и долгорочна загуба за општеството.

На крајот, премиерот истакна дека Владата работи на решавање на наследените проблеми, иако ресурсите се ограничени. Тој увери дека целта е стабилен систем без корупција и криминал, каде што правдата ќе важи за сите, изразувајќи надеж дека значителен напредок ќе се постигне уште оваа година.

Во однос на новиот закон за високо образование премиерот Мицкоски порача дека не прифаќа критики оти предложениот закон поставува престроги критериуми, нагласувајќи дека реформите се неопходни за подигнување на квалитетот во академската заедница.

Во гостување на емисијата „Македонија наутро“ на МРТ, тој изрази разочараност од реакциите на дел од универзитетските професори, кои сметаат дека условите за напредување се превисоки. Според него, барањето за објавување научни трудови во реномирани списанија индексирани во базата Web of Science не е пречка, туку стандард што треба да го следи секој сериозен академски кадар.

Мицкоски истакна дека за избор во редовен професор се предвидени четири научни труда во период од пет години, при што државата ќе ги покрива трошоците за објавување. Тој оцени дека ваквиот пристап е неопходен за да се зголеми научната продуктивност и меѓународната видливост на македонските универзитети.

Како аргумент за потребата од реформи, премиерот посочи дека ниту еден универзитет во земјата не се наоѓа меѓу првите 2500 на т.н. Шангајска листа, вклучително и Универзитет Св. Кирил и Методиј.

Дополнително, тој нагласи дека условите за работа на професорите се подобрени, со плати од 110.000 до 120.000 денари и релативно мал број часови настава неделно, што, според него, треба да биде мотив повеќе за научна активност.

„Не можеме само да критикуваме без да понудиме решенија. Ако не вложиме во квалитетен кадар, ризикуваме образовниот систем да не создава професионалци подготвени за современите предизвици“, заклучи Мицкоски.

CATEGORIES
Share This