ИСТОРИСКИ ПОТЕГ НА ВЛАДАТА – Горивата паднаа, струјата не поскапи

Мицкоски најавува продолжување на мерките и кризната состојба ако се зголемат цените.

ИСТОРИСКИ ПОТЕГ НА ВЛАДАТА – Горивата паднаа, струјата не поскапи
Фото: Национал

Додека Европа и регионот се соочуваат со историски најголема нафтена криза, премиерот Христијан Мицкоски денеска од Гази Баба порача дека македонските граѓани треба да бидат спокојни. Тој истакна дека Македонија е единствената земја во регионот која не само што не ги покачи, туку и ги намали цените на нафтените деривати, кои се најниски во споредба со соседите и ЕУ.

Мицкоски нагласи дека Владата е подготвена за сите сценарија, вклучително и активирање на акцизите и продолжување на кризната состојба доколку е потребно.

„За разлика од минатото, кога владееше паника и неспособност, денес државата покажува стабилност. Имаме доволно количини гориво, а ЕСМ веќе заработува од продажба на струја на берзите. Поскапување на струјата за граѓаните нема да има“, рече премиерот.

Тој додаде дека состојбата засега е стабилна, но дека иднината во следните месеци е неизвесна и ќе има предизвици кои зависат од различни фактори. Владата ќе продолжи да собира информации, да анализира и да носи одлуки.

Мицкоски информира дека доколку цените на бензин и дизел се зголемат, Владата ќе го продолжи рокот на мерката за намалување на ДДВ од 18 на 10%, којашто беше најавена да трае две недели. Исто така, може да се продолжи и кризната состојба, а можат да се активираат и други мерки, како намалување на акцизите.

„Утрово суровата нафта од типот WTI и Brent е околу 100 долари за барел, со благо намалување. Ќе видиме до петок и тогаш ќе ја одредиме цената која Регулаторната комисија ќе ја донесе. Врз основа на тоа, ќе носиме одлука за време на викендот. Ако треба, ќе свикаме и вонредна седница на Владата“, додаде Мицкоски.

Во моментов, ЕСМ има околу 3.200 тони мазут на располагање, а акумулациите се пополнети над 40%, што е доволно и за производство на електрична енергија и за наводнување во земјоделството. Деновиве, ЕСМ на берзите заработува од 100.000 до 150.000 евра на ден.

Премиерот уште еднаш потенцираше дека Македонија е единствената земја во регионот која оваа недела не ги покачи цените на горивата и дека има најниски цени во споредба со соседите.

CATEGORIES
Share This