МАКЕДОНИЈА НА ЧЕКОР ДО ФИНАНСИСКИ УСПЕХ – ММФ откри како
ММФ препорачува намалување на ДДВ ослободувања и зајакнување на даночната администрација.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја поздравува одлуката на Владата за намалување на буџетскиот дефицит на 3,5% од БДП во 2026 година, соопшти Министерството за финансии. Во извештајот од редовната мисија на ММФ, спроведена од 18 до 31 март 2026 година согласно Член 4 од Статутот на ММФ, се наведува дека овој чекор е значаен за градење фискални бафери кои ќе помогнат во справување со економски шокови. ММФ препорачува продолжување на консолидацијата на среден рок со цел дефицитот да се сведе на 2% до 2030 година.
ММФ препорачува намалување на даночните ослободувања по основ на ДДВ, зајакнување на даночната администрација и намалување на сивата економија.
Во 2025 година, Македонија забележа солиден раст на БДП од 3,5%, благодарение на инвестиции во градежниот сектор и силна приватна потрошувачка поддржана од раст на платите и кредитирањето. Вкупната инфлација се намали од 4,8% во јули 2025 година на 2,9% во февруари 2026 година. Сепак, ММФ предупредува дека ценовниот шок од енергијата поради конфликтот на Блискиот Исток може да влијае врз растот и инфлацијата. Проекциите за 2026 година предвидуваат забавување на растот на 3,1%.
ММФ истакнува дека интензивирање на структурните реформи може да ја зголеми продуктивноста, да ја зачува конкурентноста и да го приближи доходот кон просекот на ЕУ. Особено се потенцираат реформите во енергетскиот сектор, вклучувајќи инвестиции во инфраструктура и обновливи извори на енергија, за обезбедување енергетска сигурност и достапност.
