ТРАГЕДИЈА ПРЕД ОЧИТЕ НА СВЕДОК – Ивана и Катја се самоубија по повеќегодишно семејно насилство
Полицијата не интервенирала а Ивана се соочила со закани за лажно пријавување и недоволна заштита.

Во Кривичниот суд денеска, Мартин Саздов сведочеше за тешката трагедија што се случи на 2 март, кога Ивана Стојаноска и нејзината 6-годишна ќерка Катја извршија самоубиство. Сведокот, кој бил пријател на Ивана и нејзиниот сопруг, плачеше и повраќаше во судницата, а за поддршка до него беше присутна и неговата мајка.
Мартин сведочеше дека бил единствен заштитник на мајката и ќерката и дека тој и Ивана биле блиски уште пред трагичниот ден. Според неговите зборови, животот како да застанал на 2 март кога Ивана се фрлила од балкон.
Мартин раскажува дека во август 2025 година Ивана му се јавила во плач, бидејќи нејзиниот сопруг Стојанче Јовановски ги тепал и ги исфрлил од кола во близина на Штип. Тој ги земал и ги однел кон Скопје, но Ивана не сакала да се види со мајка си поради срамот и стравот од насилството.
Стојанче, според сведокот, постојано ја малтретирал Ивана и ќерката, вклучително и физички. Тепањето продолжило секојдневно, а Мартин се обидувал да им обезбеди безбедност и психолошка поддршка и ја носел Катја на игротека, во зоолошка и на лулашки, а Ивана ја советувал да побара помош од институции и психијатри.
На 1 март, вечерта, Ивана му се јавила на Мартин дека не може да издржи. Утредента Мартин отишол кај неа и забележал дека Стојанче ја тепал. Обидувајќи се да ја заштити, го разделил Стојанче, кој ја тепал и ја навредувал Ивана, обвинувајќи ја за „наместување со дрога“.
Дури и кога повикале полиција, службените лица не преземале соодветни мерки, а на Ивана ѝ се заканиле дека ако пријави повторно, ќе одговара за лажно пријавување.
Ивана се плашела дека ќе ја изгуби ќерката и својот единствен имот и станот што останал по смртта на нејзиниот татко. Стојанче ѝ се заканувал дека ќе ѝ го земе и детето и станот.
Мартин сведочи дека Ивана и Катја живееле во постојан страв и насилство, и дека сите обиди за заштита и помош биле ограничени. Според обвинението, Стојанче Јовановски е обвинет за загрозување на сигурноста, тешка телесна повреда при семејно насилство и наведување на самоубиство.
Сведочењето продолжува во Кривичниот суд во Скопје.
